6 СОВЕТИ КАКО ДА ГО ОДРЖУВАШ ТРЕВНИКОТ ПРИ ЕКСТРЕМНО ВИСОКИ ТЕМПЕРАТУРИ
Во екот на летните горештини, сосема основано ти доаѓа на ум прашањето: Дали тревникот ќе ги издржи неподносливите температури? Во прилог, неколку совети за тоа како да го одржувате тревникот во летниот период:
- Заборави на косењето на најниско ниво!
Една од најчестите грешки која што се прави за време на летниот период е косењето на најниско ниво. Ако тревникот е искосен многу кратко, тоа во значајна мера ја намалува способноста на тревата за производство на енергија потребна за раст. Доколку тревата е искосена на соодветно ниво, тогаш истата развива посилни корења кои се потолерантни на температурниот шок. Секако, овде треба да се земе во предвид и типот на тревата која што е посадена, затоа што различните типови на тревни семиња имаат и различна способност за раст, а од тоа зависи и одредувањето на оптималното ниво за косење.
- Запомни го правилото на една третина!
Кога треба да донесеш одлука на кое ниво на косење треба да ја поставиш косилката, особено е значајно да не се заборави на правилото на една третина: никогаш немој да искосиш повеќе од една третина од висината на тревата! На овој начин, тревникот ќе се одржи и при високи температури.
- Ограничи го наводнувањето!
Еден од позастапените митови е митот за интензивното наводнување на тревникот за време на летните горештини. Постои едно генерално правило што треба да го имаш на ум, а тоа е дека често пати претераната влажност на тревникот може да предизвика оштетувања, па дури и скапување на тревата. Да не се разбереме погрешно, секако за време на летниот период, тревата има изразена потреба од наводнување, но најдобро е тоа да се изведе во согласност со нејзината потреба: ни повеќе, ни помалку! Препорачливо е тревникот да се наводнува длабоко до коренот, но никако да не се повторува полевањето се додека тревникот е влажен. За најлесно да се одреди кога е најдобриот тајминг за следно наводнување, едноставно: СЛЕДИ ЈА СОСТОЈБАТА! Доколку забележиш недостаток на вода, тогаш активирај се 😊
- Во сушен период избегнувај косење на тревата!
Тревникот кој се соочува со стресот од сушата има ограничени можности за рехабилитирање после косењето и може значително да се оштети. Од оваа причина најдобро е тревата да се коси после дождот, или пак наредниот ден по темелното наводнвање. Секако, избегнувај косење на влажна трева, затоа што ќе се создаде кал и грутки, а може да настане и оштетување на косилката.
- Секогаш пред косење провери ја острината на ножот!
Косењето на тревата со остар нож, му помага на растението да зацели побрзо. Тапите ножеви само го поткинуваат тревното растение, но нема да го пресечат и така ќе се создаде кафена прекривка, слој над тревникот. За да се избегне ваквата појава, треба да се обрнува големо внимание на острината на ножот.
- Избегнувај агресивни методи на обработка и наѓубрување на почвата!
Иако, како и секој загрижен градинар, сакаш да направиш се што е во твоја моќ за да го оживееш или пак задржиш совршениот изглед на тревникот, сепак високите температури никако не одат заедно со инванзивниот процес на аерација, па затоа најдобро е аерацијата да ја одложиш за некои постудени денови, кога способноста за регенерирање на тревата е значително поголема. Истотака, заборави на наѓубрување на тревата, иако тоа може во прв момент да ти се чини како добра идеја. Како и да е, отфрли ја 😊 Прихраната стимулира раст на тревата, а тој процес пак изискува многу енергија, која што во овој момент би било пожелно да е насочена кон справување со стресот предизвикан од високите температури. Ви посакуваме топло и пријатно лето! 😉