МТД Градина Блог

Грижа за градината во октомври

  • Грижа за тревникот во октомври

Овој месец, треба да размислиме во насока како да го подготвиме тревниот килим за претстојните студени месеци. Во зависност од температурите косиме 1-2 пати, како висината на тревата би била 5-6 cm. Тревата не треба да е ниту многу ниско искосена, ниту оставена премногу високо, како не би задржувала непотребно влага. Искосената трева треба грижливо да се собере.

Во октомври основна дејност е собирање на паднатите, пожолтени лисја од дрвјата. Кога лисјата се чуваат подолго на тревникот, особено во дождливите и ладни денови, започнуваат процеси на распаѓање. Тревата која се наоѓа под гнилите листови пожолтува, а подоцна умира. Собирајте ги лисјата со меко гребло (листособирач), или користете електрична дувалка. Соберете ги лисјата на куп, а потоа префрлете ги во компостерот. Ем ќе добиете чист тревник, ем ќе си произведете свое ѓубриво.

Ако сте пропуштиле да направите аерација во септември – задолжително направете го тоа сега! Тревникот ќе ви биде благодарен!

Во сончевите денови, по косењето, добро е да се прекрие тревникот со тенок слој мешавина од почва и прихрана од ѓубриво.  Расфрлете блага мешавина на почва и ѓубриво, така што ќе нанесете фин слој врз искосената трева. Со оваа постапка ќе ги заштитите корењата од претстојните мразови. Негата на тревата треба да се сведе само на калиумови и фосфорни ѓубрива, со минимална содржина на азот. Многу азот води до намалување на отпорноста на тревата од болести и студ. Со овие активности, завршува грижата за тревникот во октомври.

  • Грижа за цветната градина

Ги собираме последните семениња од цветната градина. Внимателно одвојте ги во хартиени ковертчиња различните растителни видови, означете ги имињата на цвеќето, зачувајте ги во картонска кутија до идната година.

На ослободените леи од каде сме ги откорнале едногодишните цвеќиња, садиме пролетни луковици (лале, зумбул и.т.н.). На пролет, по топењето на снегот ќе уживаме во кокичиња, лалиња, нарциси, зумбули… Изберете ги внимателно видовите според висината на цветот, бојата, периодот на цветање. Комбинирајте смело со контрастни бои. Во текот на топлите и сончеви денови од октомври, засадете ги и есенските темјанушки (Viola/Љубичици). Користете ги празните саксии и жардињери од цвеќињата кои веќе сте ги искорнале. Нека ве води фантазијата, направете магични колоритни композиции. Доколку имате посадено цвеќиња или украсни растенија кои цветат на есен – уживајте во златно-жолтите бои на есенските лисја помешани со шаренилото кое го нудат овие растенија. Со топла чаша чај, седнете во дворот и насладувајте се на погледот.

  • Зеленчукова градина

Некои коренести култури, како морков и пашканат, можат да се остават во земјата. Искорнете само по потреба. Од горе прекријте ги со слама. Така ќе ги загреете растенијата при ладни утра. Расадете ја марулата во леите. Ако е потребно, покријте ги растенијата во текот на ноќта. Собирајте ги растителните остатоци во компостер. При компостирањето, можете да употребите било каков распадлив органски материјал. Прекопајте, а потоа додадете калиум и фосфорни ѓубрива со бавно дејство.

  • Цветни грмушки и дрвја

Зимата е критичен момент во растот на растенијата, така што треба да им помогнеме да презимат, за потоа да почне сезоната на растење. Кон крајот на ноември, треба да ги врземе крошните за да ги заштитиме од скршени гранки и оштетување од обилните снежни врнежи (туја, чемпрес, итн.). Повисоките скоро засадени дрвја и растенијата со мал коренов систем имаат потреба и од зацврстување за почвата. Деликатните дрвја и грмушки може да ги замотате со крута ткаенина од коноп или друг материјал кој би им дозволил непречено да дишат. Најдобро е да се наѓубри со што е можно побогати ѓубрива со разновидни хранливи материи кои споро се разградуваат. Затоа е важно да се наѓубри при крајот на март и во октомври/ноември со сложено ѓубриво во опсег од 30 – 40 кг. за еден декар. Спектарот на хранливи материи треба да биде избалансиран, како би го зајакнале имуниот систем на дрвјата, заштитувајќи ги со тоа од болести и студ. Наводнувањето, иако наизглед лесна задача, е суштински проблем при одгледување на повеќето декоративни растенија. Продолжени сушни периоди и прегревање се причина број еден за угинување на растенијата. Проблем се јавува и кога полеваме при големи горештини. Некои растенија, кога често се попрскуваат, се предиспонирани за габични болести. Поради сите овие причини, најдобар начин на наводнување е преку наводнување со систем капка по капка во текот на ноќта. Покрај тоа, овој метод на наводнување е најекономичен. Се разбира, ова значи изградба на систем за наводнување, но вреди да се инвестира во тоа. За да им излеземе во пресрет и на поголемите растенија, најдобро е да се започне поливањето во утринските часови, како не би се јавил проблем со недоволна снабденост со вода. Прекумерното ѓубрење може да ги оштети растенијата и почвата.

  • Балкони и тераси

Ако сеуште не сте ги тргнале растенијата од балконот, сега е вистински момент за тоа. Украсните растенија и саксиското цвеќе кое цвета и во зимски услови – откако ќе се внесе внатре, задолжително треба да се полива.

  • Овошна градина

До средината на месецот ја организираме бербата на зимските сорти јаболка, круши, дуњи. На крајот на октомври, исто така го собираме Јапонското јаболко. Единствено мушмулите ги оставаме добро да презреат на дрвото. 

  • Заштита на растенијата

Продолжете да ги следите инсектите и останатите штетници. Исто така бидете во тек со можните болести на растенијата. Пред да се појават големите мразови и студови, варосајте го стеблото на дрвото со 20-25 % варна каша. После сите есенски подготовки, мирно и спокојно можеме да ја пречекаме зимата во нашата градина.

Дарко Јанчески