МТД Градина Блог

Вино. Безвременска приказна

Производство на вино или винификација е процес на производство на вино којшто започнува со селекција на грозје или друг (земјоделски) производ и завршува со флаширање на произведеното вино. Виното најчесто се произведува од грозје, меѓутоа освен од грозје, виното се произведува и од други овошја и нетоксични растителни материи. На пример, медовина е еден вид вино коешто се произведува со ферментација на мед како примарна состојка.

Производството на вино е поделено на две примарни категории: производство на негазирано вино (без карбонизирање) и производство на пенливо вино (со карбонизација). Наука која го проучува виното и производството на вино се нарекува енологија.

Без разлика дали е богато црвено или суво бело, виното е едно од најголемите задоволства на животот. Мистеријата на она што се наоѓа внатре во една флаша вино многумина го изјаснуваат како поезија. Виното е жива течност создадена од конзервансите на младоста, зрелоста, староста и смртта. Најпозната природна течност во светот која е доведена до најголема перфекција и нуди голем опсег за уживање и благодарност.

Македонското вино… Приказната на македонското вино е приказна со безброј ликови, вкусови и тајни на рецептите кои традиционално со векови се пренесуваат од генерација на генерација. Специфичноста на секое зрно грозје со кое се гради и најголемата тајна на вкусовите на вината од Македонија е сонцето и бескрајната природна убавина. Историјата вели дека на овие простори виното датира уште од античките времиња како омилен пијалак на кралевите Филип Втори и неговиот син Александар Велики.

Во пишаните факти на историјата виното е наведено како ценет пијалак и за време на Римската Империја. Но својата главна позиција виното ја зазема со доаѓање на Христијанството, каде преку Светата Тајна “Причест” е претставено како КРВТА БОЖЈА.

Фактот дека Македонија има мошне поволни услови за одгледување на грозје од кое се произведува вино го прави едно од најпроизведуваните пијалаци. Најдобар начин да се запознае со македонските вина е да се биде дел од винските тури кои се организираат. Турите овозможуваат посета на винарите и фармите, но исто така и дегустација на убавите вина. Секако ќе бидете понудени со традиционално јадење. Подготовката на виното овде ќе ви биде во центарот на вниманието. Македонските винарии редовно се закитуваат со признанија и награди од светски размери.

Посетете некоја од Македонските винарии, земете чаша вино по избор и потонете во магичниот поглед на бесконечните лозови насади. Нова реалност се разоткрива околу вас, додека уживате во чаша од омиленото вино. Врвните вина на винариите, проследени со вкусни специјалитети на македонската кујна гарантираат бескрајно уживање. Оној што еднаш ја видел Македонија задолжително го памети вкусот на вината од оваа земја како и неодоливиот шарм на овие предели.  

Освен магнатите на винската индустрија, во Република Македонија има тенденција на отварање на мали винарии со скромен капацитет на производство. Но, скромната количина воопшто не значи послаб квалитет. Врвните вина од големите и помалите винарии редовно се изложуваат на настани каде што на тронот е поставено (неговото височество) ВИНОТО. Огромен избор, инзвонреден спектар на рубин-црвени и златно-жолти нијанси, опојни мириси и ароми… Изборот е голем колку и фантазијата на секој консумент поединечно.

Дарко Јанчески