МТД Градина Блог

Априлска зелена оаза. Рај за очи!

Пристигна и април.

Пролетта веќе настапи и потребно е да се оддели многу повеќе време за градинарските обврски. Просечната месечна температура веќе значително се зголемува, но не треба да се заборави дека мразовите се можни сè до крајот на месецот, па затоа не треба да се брза со сеидба на растенија кои може да замрзнат при негативни температури.

Во aприл се врши и пролетното ѓубрење на растенијата, започнува редовното косење на тревните површини и секако – не би било во ред да се изостави и полевањето на истите (доколку нема доволно дожд). Бидејќи е можно по тревникот сеуште да имате расцутени пролетни цвеќенца (качунки, темјанушки) – може да го одлжите косењето или да ја искосите тревата повисоко, како би го запазиле шаренилото од бои и би уживале во него многу подолго. Сега е најдобро време за сеење за тревниците, а еден од најважните услови за прекрасен тревник е претходната подготовка на теренот. Подготовката на теренот опфаќа израмнување на почвата и чистење на истата од корења, камења и плевел.

Почетокот на месец aприл е крајниот рок за земјоделците да извршат кроење на лозите и овошките. Сите оние кои пропуштиле да ја извршат оваа мерка на време – сега е вистинскиот момент, бидејќи во растенијата веќе активно е започнато движењето на соковите и тие неминовно ќе изгубат значителни количини хранливи материи при режењето. Би било добро да се наѓубрат тревниците со амониум нитрат, веднаш потоа да се полее со доволна количина вода за да ги раствори гранулите.

Најпогодно за прихрана на тревните површини е азотното ѓубриво. Тоа го стимулира растењето на тревата. Во зависност од типот на ѓубривото, најпогоднен метод за прихрана преку летото е со амониумова шалитра и тоа неколку дена пред косењето и амониев нитрат во пролет и есен.

Розите- украс на градината

Сега е моментот да ги засадите и розовите грмушки. Купувајте само од проверени трговци, бидејќи ќе имате гаранција за видот на розата и неговата боја. За правилно сеење неопходно е да се ископа дупка најмалку 30/30/30 cm и да се пополни околу 2/3 од волуменот со мешавина од прегорено арско ѓубре и ровка почва. Ставете ја розата врз почвата, така што корените да лежат добро на основата. Потоа внимателно сипете врз корените од мешаното арско ѓубриво со почва, внимавајќи да не оставате воздух меѓу корените. Внимателно натапкајте ја почвата и полејте со околу 10 литри вода. Потребно е да се одржува доволна количина на влага додека розата не се фати добро, но сепак да не се претерува со полевање за да не дојде до гниење на корените. Откако ќе почне да се развива, пред калемењето – задолжително да се отстранат изданките кои се појавуваат околу коренот или основата на стеблото. Доколку не го направите тоа, ќе добиете обична Шипкова грмушка. Ако розата е од родот на ползавци, треба да обезбедите соодветна структура за поддршка.