Како да ги заинтересирате Вашите деца за градинарство?!
Да ги разгледаме можните опции. Тргнуваме! Веќе пишувавме за тоа зошто градинарството е одлична активности за Вас и вашето здравје. Не само што градинарството ви годи Вам, тоа е одлична активност и за деца од било која возраст. Верувам дека Вие сте веќе убедени за бенефитите кои ги носи градинарството со себе, додека на вашите деца сигурно ќе им треба малку повеќе убедување. Постојат неколку работи што можете да ги направите за да ја разбудите „градинарската жичка“ кај вашите деца.
Еве неколку совети:
1.Започнете прописно
Изборот на убаво сончево место и користење на добра почва е најлесниот начин да ги започнете работите по пропис. За среќа, подигањето на вашата градина на правилен начин е лесно, особено доколку во план имате да подигнете Мини Градина – едноставно изберете сончево место, зграпчете една или две кеси квалитетен хумус, и започнете! За ваква градина не ви е потребен дури ни голем двор. Изборот на соодветни растенија за вашите деца и кои би вирееле на локалната клима е уште еден лесен начин да бидете сигурни дека почнувате правилно. Растенија кои се лесни за одржување и кои немаат никакви посебни барања – обично се прав избор доколку сакате да го заинтересирате Вашето дете за градинарство.
2.Засадете интересни растенија
Растенијата кои се погодни за јадење и цветните растенија се за нијанса повозбудливи и поинтересни од обичните папрати и украсни треви. Во прилог, доколку сакате да ги поттикнете Вашите деца да се посветат на растенијата со поголема грижа – потсетете ги само дека како краен резултат на нивната „мака” ќе добијат превкусен плод кој сами го одгледале, или па можеби преубаво миризливо цвеќе. Така децата ќе добијат чувство на успех, и не било каков успех… Успех кој го постигнале со сопствена макотрпна работа и посветеност. Ќе се чувствуваат исполнети, а тоа позитивно ќе влијае на нивниот понатамошен психофизички развој. Се разбира, ќе стекнат и по некоја здрава навика додека стигнат до крајниот резултат. Јагодите се одлична билка за одгледување со деца – тие не само што изгледаат прекрасно, туку и нивниот вкус е неодолив (тие се премногу лесни за одгледување во Мини Градина). Поради нивната опојна природа (шаренилото од бои и убавиот мирис), цветните растенија се исто така одлична опција.
3.Вашите деца нека бидат вклучени во целиот процес
Давајќи им на вашите деца само една или две задачи во градината, може да направи градинарството да изгледа како обична досадна обврска во нивните очи, но вклучувајќи ги во текот на целиот процес – им покажува дека нивниот труд не само што е валиден туку е и ценет. Кога ќе одите во локалниот расадник по растенија и семиња, поведете ги со себе и своите деца, нека Ви помогнат во изборот. Дајте им можност да земат активно учество во подигнување на вашата Мини Градина. Нека бидат вклучени во текот на целата сезона со тоа што на крај ќе ги соберат своите производи, па дури и да подготват вкусен оброк користејќи ги домашните зеленчуци.
Ако е дождливо надвор, не плашете се! Концептот на Мини Градини е совршен за одгледување на растенија и во затворени простории. Доколку сепак е дождливо, а вашата Мини Градина е лоцирана надвор – не грижете се. Постојат многу активности кои можете да ги практикувате и на дождлив ден. Планирајте, образувајте се малку повеќе за растенијата кои ги имате посадено, пригответе некој вкусен оброк со веќе собраните плодови… И секако, вашите деца нека ви бидат ваша десна рака.
4.Дајте им на децата свои сопствени парцели.
Поголема е веројатноста дека вашите деца ќе обрнат повеќе внимание и грижа доколку она за кое се грижат е во нивна сопственост. Трикот е во тоа да започнете со ситни чекори – не им давајте на вашите деца (особено на помладите) големи парцели за одржување. Обидете се да им дадете две или три леи, со тоа што би саделе различни растенија во секоја од нив.
5.Спуштете ги вашите стандарди и не бидете напорни. Контролирајте ја ситуацијата од позадина.
Доколку ги видите вашите деца да прават грешка – оставете ги! Понудете конструктивни совети кога е потребно, но постојано “висејќи им над глава” и корегирајќи ги (иако можеби сте поискусни и знаете подобро), е брз начин да го смачкате нивниот градинарски ентузијазам. Наместо тоа, пробајте да давате совети само кога децата ќе го побараат тоа. Впрочем, градинарството е прилично ниско-ризично занимање, а понекогаш и направена грешка е најдобар начин да се научи лекцијата. Без оглед на нивната возраст, спротивставете и се на потребата да се грижите за растенија кои се во парцели или леи на вашите деца. Меѓутоа, ако вашите деца се многу млади (на пример, помлади од пет или шест години), малку скришна испомош е сосема е во ред.
6.Возраста е битна!
Вашето тригодишно дете веројатно нема да има многу среќа при самостојно садење, одгледување и собирање јагоди – но тинејџер би можел да постигне успех! Давајќи им задачи во склад со возраста, или доколку изборот на растенија е исто така во склад со возраста – на прав пат сте да ги задржите заинтересирани за идејата наречена ГРАДИНАРСТВО.
Совети за предшколска возраст.
- Оставете ги вашите деца да бидат малку неуредни! Нека ги ископаат дупките за семиња и нека ги наполнат со земја одозгора.
- Изберете растенија кои ќе ги насладуваат нивните сетила. Изберете билки со светли и шарени цветови, интересни текстури, опојни миризби.
- Дечињата сами нека го соберат финалниот производ. Оставете ги нека грицнат нешто попатно. 😉
Совети за деца од училишна возраст.
- Децата од училишна возраст можат да се справат со поголема одговорност – нека изберат, садат и жнеат растенија по свој избор.
- Поттикнете го вашето дете да води дневник за градинарство. Така ќе си ги зголеми своите вештини за описменување, а исто така им дава можност да цртаат слики и да се сетат на нивните омилени работи за градинарството.
- Започнете активно да ги вклучувате во кујнските работи.
Совети за тинејџери.
- Нека вашите тинејџери ја преземат одговорноста за нивните градини – не висете им над глава!
- Изберете растенија кои имаат потреба од малку повеќе грижа и нега или едноставно оставете нека ги засадат своите омилени јадења.
- Вечерата препуштете им ја на нив – охрабрете ги вашите тинејџери да подготват оброк користејќи ја својата жетва.
Тие растат толку брзо! Градинарството со вашите деца може да биде убаво искуство и за нив, како што е и за вас, но понекогаш процесот да ги заинтересирате за ново хоби знае да биде особено напорен, особено со денешната техничко-технолошка конкуренција. Користете ги овие совети за да ги поттикнете вашите деца да се занимаваат со градинарство и запомнете дека принудувањето да направат нешто е најбрзиот начин да изгубат интерес за тоа…
Дарко Јанчески