Зошто градинарството е добро за вашето здравје?
Време е да ги извадите вашите градинарски ракавици од шкафчето и да ги ставите на раце, ве чека сериозна работа. Не само што копањето и плевењето се одлична физичка вежба, квалитетен престој во градината го подобрува и менталното здравје.
Испитувањата покажале дека луѓето што живеат во област богата со вегетација имаат подобрено физичко и ментално здравје. Добар процент од испитаниците, кои биле дијагностицирани со пониски нивоа на депресија, по престојот во природа и занимавање со градинарство – покажале значителен напредок. Сега, ајде да истражиме малку подлабоко во тоа како градинарството се имплементира за подобрување на здравјето на луѓето. Професорот Тим Ланг, од „Центарот за политика за храна“ при Градскиот универзитет во Лондон, вели дека е широко прифатено мислењето дека редовните контакти со растенијата, животните и природната средина може да го подобрат нашето физичко здравје и ментална благосостојба.
„За голем број луѓе во нашето општество – деца и возрасни – кои живеат со предизвикувачки физички или ментални здравствени проблеми, градинарството и одгледувањето храна (макар и во урбани средини) може да бидат од особена корист“, објаснува професорот Ланг. „Таквите активности можат да ги ублажат симптомите на сериозни болести, да го спречат развојот на некои состојби и да ги запознаат луѓето со начин на живот кој може да им помогне да го подобрат своето здравје на подолг рок. И дури и ако се чувствувате добро, градинарството е… Да не комплицираме- ГРАДИНАРСТВОТО Е УБАВА РАБОТА!“
Што е всушност градинарската терапија?
Лекарите во Лондон веќе почнаа да препишуваат така наречено „ВРЕМЕ ЗА ГРАДИНАРСТВО” сé со цел пациентите максимално да ги придобијат физичките и ментални благодети од работата во градина, но и да се зголеми количината на локални свежи градинарски продукти. Програмата беше започната во 2013 година во Јужен Лондон и сега е присутна во неколку докторски ординации, каде што неискористениот отворен простор е претворен во градини каде што пациентите можат да одгледуваат овошје и зеленчук. Директорот Ед Розен вели: „Ова го започнавме со посебен фокус на пациенти со долгорочни здравствени состојби, како што се дијабетес, артритис и астма. Нашите пациенти се постари личности, односно лица со веќе посериозни долгорочни здравствени состојби кои си доаѓаат со самата возраст. Кај нив, исто така, постои тенденција да бидат повеќе социјално изолирани и осамени од помладите луѓе, бидејќи честопати нивните партнери починале или нивните семејства се отселиле. Затоа сакавме да создадеме активност за генерирање на здравје во која луѓето ќе уживаат.”
Зошто градинарската терапија е добра за вас?
- Почвата е всушност антидепресив
Докажано е дека почвата го подигнува расположението, односно има сличен ефект врз мозокот како антидепресивите. Една универзитетска студија укажува на тоа како глувците изложени на „пријателски” бактерии, нормално пронајдени во почвата, го смениле своето однесување на сличен начин на оној произведен од антидепресивите.
Д-р Крис Лори, главен автор на трудот, рече: „Овие студии ни помагаат да разбереме како телото комуницира со мозокот и зошто здравиот имунолошки систем е важен за одржување на менталното здравје. Исто така, нè тераат да се замислиме – ДАЛИ МОЖЕБИ БИ ТРЕБАЛО ДА ТРОШИМЕ ПОВЕЌЕ ВРЕМЕ ИГРАЈЌИ СИ ВО КАЛТА? “ При внимателно набљудување на мозокот на глувците, тимот на истражувачи открил дека лекувањето со бактериите Mycobacterium vaccae активирало група на неврони кои поттикнуваат производство на серотонин, хормон кој го регулира расположението. Градинарите секојдневно ги вдишуваат овие бактерии и имаат редовен физички контакт со нив. Природните ефекти на почвените бактерии може да се почувствуваат до три недели, ако експериментите со стаорци се воопшто некаква релевантна индикација. Микробактериските антидепресивни микроорганизми во почвата исто така се испитуваат за подобрување на когнитивната функција, Кронова болест, па дури и ревматоиден артритис.
- Нè одржува фокусирани
Обично многу лесно го губиме фокусот, се концентрираме или на нашите грешки од минатото, или се грижиме за иднината.Ретко кога сме присутни ОВДЕ И СЕГА и ретко кога живееме во МОМЕНТОТ. Ваквото расеано однесување ги покачува нивоата на стрес, што понатаму повлекува сериозна лавина од други состојби. Престојот во градина и занимавање со градинарски активности ни дава нешто на кое сме целосно посветени, нешто што ни го ангажира мозокот, нешто на кое сме фокусирани... и така, не ни останува премногу простор да си ги заморуваме мозоците со нереални проблеми. Гледано од овој аспект, градинарството е добра активност која не штити од анксиозност/депресија, ја подобрува продуктивноста и ја ублажува несоницата. Хилда Бурк, психотерапевт, вели дека градинарството е активност која им помага на многу луѓе да влезат во состојба на „проток” (flow state). Ова значи дека пациентите не забележувaат дека времето брзо им минува, не размислуваат истовремено за други работи, не прават планови и не пробуваат да го преобразат минатото. Како таква, им помага на луѓето да се исклучат од сите други работи и да се префрлат на сегашниот момент. Со други зборови – градинарството нé прави СОСРЕДОТОЧЕНИ. „Она што градинарството го прави уникатно и го издвојува од други активности како што се печење или плетење е тоа што буквално нè поврзува на земјата. Работата со почвата, садењето плодови, трпеливоста, негувањето на нашите садници нуди вредна поука за нашите лични животи.”
- Го подобрува здравјето на мозокот
Градинарството го вежба вашиот ум, како и вашето тело. При занимавање со градинарство – се активираат голем број мозочни функции, вклучувајќи УЧЕЊЕ, РЕШАВАЊЕ ПРОБЛЕМИ, СЕТИЛНА АКТИВНОСТ, при што нашите мозоци се непрестајно активни. Голем број на студии покажаа придобивки од терапевтските градини за пациенти со деменција и Алцхајмерова болест. Една посебна студија вели дека како придобивки од хортикултурната терапија, меѓу другото се и намалување на болката, подобрување на вниманието, намалување на стресот и намалување на падовите.
Добротворната организација “Thrive” користи градинарство за да им помогне на луѓето со посериозни проблеми со менталното здравје, вклучувајќи ги и војниците кои искусуваат посттрауматски стрес. Нивното неодамнешно истражување со пациентите со рана деменција покажува дека, преку годината, меморијата и концентрацијата на учесниците останува непроменета, но расположението и дружељубивоста се подобруваат. „Колку често се чувствуваме заглавени со нешта со кои не би требало да си ги валкаме рацете? Сепак, со тоа што сме трпеливи, грижливи и негувачки настроени кон себеси, ние (како и градините ги одржуваме) – можеме да расцветаме и бескрајно да растеме!” А сега оставете сé друго и… ПРАВО ВО ГРАДИНАТА! 🙂 ЗДРАВИ, СРЕЌНИ И ИСПОЛНЕТИ КОН НОВИ ГРАДИНАРСКИ ПОДВИЗИ!!!
Дарко Јанчески