Есен во твојата градина…
Со доаѓањето на есента, најверојатно и не минуваш многу време размислувајќи за градината, иако во суштина би требало, бидејќи пониските температури и дождови ја прават есента идеално време за подготвка на тревникот за идната пролет. Многумина сметаат дека тревникот бара значително помала грижа и внимание за време на есента, затоа што тревата расте побавно, но тоа не е точно. За време на овој период од годината тревата апсорбира енергија, влага и хранливи материи кои ќе ѝ бидат од огромна помош за време на долгата и студена зима. Обрни внимание на тревникот сега, а потоа ќе бидеш награден со раскошно зеленило на пролет. Се што треба да направиш следува во прилог:
1. ПРОДОЛЖИ СО КОСЕЊЕ НА ТРЕВНИКОТ
Продолжи и понатаму да ја наводнуваш (доколку нема обилни дождови 😊) и редовно да ја косиш тревата и за време на есента. Полека, како што изминува сезоната за косење, менувај ја висината на ножот. За последните две косења, ножот постави го на најниската позиција, така ќе се овозможи продирање на сончевите зраци до тревата и ќе се спречи појавата на онаа непривлечна кафена боја на тревата. Внимание: И покрај препораката да го поставиш ножот за косење на најниска позиција, повторно не заборавај го правилото да не косиш повеќе од 1/3 од висината на тревата. Доколку е потребно, постепено смалувај ја висината се до последните две косења.
2. АЕРАЦИЈА НА ПОЧВАТА
Есента е идеален период за аерација на тревникот, како би можеле кислородот, водата и другите хранливи материи да стасаат до тревните коренчиња.
3. СОБЕРИ ГИ ПАДНАТИТЕ ЛИСЈА
Иако можеби и не е најпривлечната активност, сепак потребно е да се среди нередот од паднатите лисја и да се отстранат од тревникот што поскоро. Не чекај сите лисја од дрвјата да испаднат, па потоа да почнеш со собирање. Доколку се повеќе одложуваш, лисјата ќе се наводенат, залепат едни со други и ќе почнат да скапуваат, задушувајќи ја тревата, можат лесно да постанат и извор на различни габични болести. Освен со класичен листособирач, лисјата може да се собираат со електрична дувалка и всмукувач која значително ќе ја забрза и олесни работата.
4. ОТСТРАНИ ГИ ЕДНОГОДИШНИТЕ РАСТЕНИЈА
Доколку низ тревникот имаш посадено едногодишни цветни растенија, најдобро е истите да бидат отстранети како би и се овозможило на тревата и на другите повеќегодишни растенија доволно простор да дишат и опстојат.
5. ПОКРИВАЊЕ НА НАДВОРЕШНИТЕ ФОНТАНИ
За надворешните фонтани да не се оштетат во текот на зимата, потребно е најпрво да се испушти сета вода, а потоа истите да бидат покриени. Скапаните лисја можат сериозно да го оштетат филтерот за вода.
6. НАЃУБРУВАЊЕ ЗА ПОНАТАМОШЕН РАСТ
Мноштвото експерти се согласни околу следново: Доколку го наѓубрувате тревникот еднаш годишно, тогаш најдобро е тоа да го направите на есен. Причината? Со опаѓањето на температурата се забавува растот на тревата, но тревните корења и понатаму растат забрзано. Со прихранувањето се овозможува сите хранливи материи да допрат до длабоките тревни корења и на тој начин истите биваат складирани за здрав старт следната сезона.
7. ОТСТРАНУВАЊЕ НА ПЛЕВЕЛОТ ОД ТРЕВНИКОТ
Доколку глуварчето го освоило тревникот, треба сериозно да засукаш ракав и „да му објавиш војна“. Плевелот, како и другите растенија апсорбира исклучително големо количество на енергија во текот на есента. Неговата отпорност е голема, затоа потребно е вистински да се заинаетиш и да го искорениш целосно, користејќи и соодветно средство за уништување на плевел.
Колку и да е тажна разделбата со летото, сепак тоа не значи крај, но е почеток на една нова сезона која навестува и нова пролетна радост во природата. Ако сакаш повторно да се радуваш на сите мали волшепства на твојата градина, тогаш дефинитивно треба да вложиш нужни напори за да ги заштитиш тревникот и растенијата од студеното време кое следува… Откако ќе завршиш со потребните активности, ти останува само да уживаш во сите бои на есента!