Бензинска или електрична пила…
Пили се алатки кои имаат широк спектар на употреба и се од голема корист. Една ваква алатка може многу да ви помогне, со неа можете брзо и ефикасно да ги поткастрите гранките на дрвјата во дворот, да исечете и да соборите цело дрво, па се до поткастрување на многу густи грмушки. Во зависност од потребите, производителите на овие алатки обично нудат два типа на пили – ЕЛЕКТРИЧНИ и БЕНЗИНСКИ. Кога човек ќе се соочи со одлуката дали да купи БЕНЗИНСКА или ЕЛЕКТРИЧНА пила, обично не е доволно информиран за спецификациите на соодветниот модел. Кога се има јасна претстава за предностите и недостатоците на двата типа моторни пили – се пружа шанса секој купувач да направи идеален избор на моторна пила кој би одговарал на потребите.
БЕНЗИНСКА ПИЛА
Бензинските моторни пили имаат огромен број предности и само неколку недостатоци кои би можеле да влијаат врз крајната одлука на потрошувачот. Врз одлуката може да влијае сé – од моќноста, па сé до степенот на леснотија со која се полни бензин во резервоарот. Сепак, не сите имаме ист критериум за вреднување.
ПРЕДНОСТИ НА БЕНЗИНСКАТА ПИЛА:
- ПОГОЛЕМА МОЌНОСТ ⬆
Бензинските моторни пили се конструирани со двотактен мотор, што ги прави далеку помоќни од електричната алтернатива. Поради импресивната моќност, бензинските пили често имаат подолг нож, кој со леснотија ќе собори дебело дрво. Сечилото на бензинската моторна пила може да биде долго 90 см (и повеќе).
- ПОГОЛЕМА МОБИЛНОСТ ⬆
Затоа што се машини кои работат на гориво, бензинските моторни пили не треба да бидат вклучени во извор на напојување, што значи – помалку вплеткани кабли позади вас додека работите. Ова ги прави бензиските моторни пили полесни за ракување во некои ситуации од електрични моторни пили.
- МОЖЕ ДА СЕ СПРАВИ СО СКОРО СЕКОЈА ЗАДАЧА ⬆
Овие пили се доволно моќни и можат да се фатат во костец со скоро секоја задача во дворот. Обично, секое просечно домаќинство во дворот има дрвја кои не се исклучително големи, односно нивниот раст е сосема соодветен за едно лице да успее да ги собори со моторна пила доколку тоа е потребно. Исто така, гранките и грмушките кои ви го блокираат видикот низ прозорот може многу лесно да се исечат со оваа моќна алатка. Ако како потрошувач решите да набавите бензинска пила, бидете сигурни дека таа ќе ги исполни вашите очекувања и ќе се справи со сите задачи на кои ќе налета.
НЕДОСТАТОЦИ НА БЕНЗИНСКАТА ПИЛА:
- СПЕЦИФИЧНИ УСЛОВИ ЗА КОРИСТЕЊЕ, СКЛАДИРАЊЕ И ЧУВАЊЕ ⬇
Бензинката пила НЕ СМЕЕ да се користи во затворена просторија! Поради штетноста на издувните гасови и опасноста од појава на искри, користењето на бензинската пила бара голема претпазливост! Сигурното и прописно складирање на моторна пила е процес од неколку чекори. Прво, бензинската моторна пила мора целосно да биде изладена пред да се стави футролата на ножот/мачот, како би можело понатаму да се подготви за складирање. Следен чекор (кој е многу важен) е – да се испразни пилата од преостанатите залихи на бензин и масло. Потоа, бензинската пила се остава во исправена положба во свежа просторија со добра вентилација, за да се избегнат несакани испарувања од бензинот и да се избегне некоја несакана искра.
- ПОТЕШКОТИИ ПРИ ТОЧЕЊЕ БЕНЗИН, МЕНУВАЊЕ НА СВЕЌИЦИ И СЛ. ⬇
Корисникот мора да има барем основно познавање за моторите со внатрешно согорување кое би било од корист при справување со потешкотиите кои би се јавиле при употреба:
- Подготовка на мешавината (гориво + двотактол). Доколу мешавината не е добра – машината може да почне да гуши, односно да биде тешка за стартување, а може да настанат и определени оштетувања на истата.
- Менување на свеќица
- Чистење на филтерот за воздух
- Штелување на ланецот
- ПОГОЛЕМА ТЕЖИНА- ПОТЕЖОК СТАРТ
Поединци кои немаат искуство со работа со моторни пили, или оние кои се физички неспремни – може да се најдат затекнати при средба со поголем модел од овој тип. За безбедно и ефикасно ракување со моторна пила, потребна е сила во горниот дел од телото. Запрепастувачка би била првата средба на нов корисник со помоќен модел на некој бензински “ѕвер”.
ЕЛЕКТРИЧНАТА ПИЛА
ПРЕДНОСТИ НА ЕЛЕКТРИЧНАТА ПИЛА:
- УЛТРАЛЕСНА ЗА УПОТРЕБА ⬆
Како помали и помалку моќни уреди, електричните пили се далеку полесни и помалку застрашувачки за употреба. Сечилото на електрична моторна пила обично не е подолго од 38 см и целокупниот помал дизајн, исто така, ги прави полесни во тежина, овозможувајќи им на корисниците да ги подигнат и да ги користат без дополнително напрегање.
- ЛЕСНО СТАРТУВАЊЕ ⬆
Додека бензинската моторна пила бара повлекување за да стартува, електричната моторна пила се вклучува со едноставно притискање на прекинувачот. Корисниците на електрична пила, исто така, не треба да се грижат за влечење канистри со запалива течност и преточување во резервоарот како кај бензинските моторни пили. Електричните моторни пили во основа функционираат како и секој домашен апарат: корисникот само го приклучува во штекер и го притиска прекинувачот. Лесно, зар не?!
- ЛЕСНО СКЛАДИРАЊЕ И ЧУВАЊЕ ⬆
Електричната моторна пила треба само да се исклучи од струја и да се постави футролата на ножот/мачот. Потоа може да се складира било каде, во шупа или гаража, но најважно од сѐ – далеку од дофат на деца!
НЕДОСТАТОЦИ НА ЕЛЕКТРИЧНАТА ПИЛА:
- ПОМАЛА МОЌНОСТ ⬇
Електрична моторна пила е практична опција за отсекување на гранки и грмушки, а може да дојде до оптоварување доколку пробате да исечете нешто поголемо од мало дрвце или фиданка.
- КАБЕЛ КОЈ СЕ НИША И ПРЕЧИ ⬇
Електричната пила, секако, доаѓа со прикачен кабел. Ова може да го ограничи опсегот на движење на корисникот и да се појави потреба од додавање на уште еден дополнителен продолжен кабел.
Изборот помеѓу електрична пила и бензинска пила не мора да биде комплициран процес. Напротив, потрошувачите кои сеуште не можат да одлучат каква пила да купат – треба “да стават на кантар” одредени фактори: која е целта за која ја купуваат пилата, за какви предизвици е наменета, какви се условите и побарувањата за складирање и се разбира сопствените вештини. Со внимателно разгледување на овие опции, потрошувачот може брзо да утврди дали електрична или бензинска моторна пила е вистинскиот одговор за работните обврски во домаќинството.
Дарко Јанчески